Атракции

Кратово е мал живописен град во Северо-Источниот дел на Македонија, познат е како град жив музеј, има блага и пријатна клима, и лоциран е во кратерот на изгаснат вулкан, од каде што произлегува неговото име. Кратово за време на Римското царство бил познат под името Кратискара, и бил богат град со неколку рудници на злато и многу дуќани каде што се продавало излеаното злато во форма на монети и златен накит.
Кратово е град на кулите, мостовите, римските рудници, старата чаршија, град на прекрасни цркви и манастири изградени уште во 14 век, Кратово е град на Св. Горѓи Кратовски, и е еден од најстарите градови во Македонија. Нечепнатата природа, чистиот воздух, старата архитектура, културно-историските знаменитости, гостопримството и посебната Кратовска кујна, го вбројуваат оваа гратче во една од најпосакуваните и најпосетувани туристички дестинации во Македонија.
Хотел Кратис Ви стои на располагање за да го збогати Вашиот престој во Античкиот град Кратово, преку организирање на посети на многубројните прастари градби и знаменитости во самиот град и во неговата околина.

1.Старите борови

Во центарот на градот се возвишуваат Две борови дрва, стојат немо како да стражарат над градот, со својата грандиозност и моќност доминираат на источните падини во централното градско подрачје. Необичен природен феномен, незабележан во другите предели на Македонија, а веројатно и уникатен пример на Балканот се овие две дрва кои живеат повеќе столетија. Овие дрва се засадени уште пред Османлиското царство да се устоличи на овие простори, и утврдено е дека потекнуваат од првата половина на 14 век.

2.Средновековни кули

Кулите во градот потекнуваат од средновековниот и турскиот период на градот, и се уникатен архитектонски белег на оваа древно градче, овие кули се градени во различен временски период, но нивната основна функција била заштита на богатите семејства кои живееле во нив. Повекето од овие кули се поврзани со подземни тунели кои биле исклесани во периодот кога се градени кулите, овие тунели служеле како алтернативен излез во случај на напад на некоја од кулите од арамии. Како дополнителна заштита на кулите, биле изградени стражарници, оградени однадвор со камени штитови и имале само мали отвори, низ кои се пукало во случај на напад.
Кулите се ѕидани од клесан камен, кој што се вадел од околината на градот, а покривот е од камени плочи, заради рачната обработка на каменот градењето на една кула со траело по неколку години. Внатрешноста на кулите е поделена на 3 или 4 ката, од кои горните се со по еден балкон и одделенија за живеење. Прозорците се заштитени со железни решеткии и се со различни димензии, во долниот дел тие се потесни и издолжени, додека на погорните катовие се пошироки.
Најпозната и најголема е Саат кулата, оваа кула во 2004 е делумно санирана, останати кули се Симичева кула, Емин-бегова, Златкова, Крстева и Хаџи-Костова кула.

3.Музеј на град Кратово

И покрај тоа што самиот град е музеј под отворено небо, сепак во 1993 година се отвори музеј на градот Кратово. Музејот е сместен во стара турска куќа заштитена со закон, под која веднаш се наоѓа стариот турски затвор. Во него изложбата е составена од неколку збирки: археолошка, историска и етнолошка, секоја со мала поставка, а постои и одделение за конзервација на наодите. Во рамките на музејот функционира Уметничка галерија на детски цртежи, со слики од Кратовски деца кои имаат освоено бројни награди на различни меѓународни изложби.

4.Старите мостови

Мостовите во градот покрај кулите се најголемо архитектонско богатство на оваа старо гратче, седум мостови со своја специфична архитектура ги премостуваат трите рекички кои течат во Кратово. Овие мостови се градени во различни периоди, но сите се правени во ист стил и се ѕидани на ист начин. Секој мост има своја приказна, но по убавина се издвојува Грофчанскиот мост кој се наоѓа меѓу Сарајскиот и Чаршискиот мост, поврзувајќи ја Ајдучка чаршија со десниот брег на Кратовска Река.
Најпознат кратовски мост е Радин мост, кој има своја легенда, легенда за Рада која е жива соѕидана во темелите на мостот. Според приказната, мостот го граделе деветмина браќа, но тој постојано паѓал, за да го довршат мостот одлучиле да ја жртвуваат најмладата и најубавата снаа, со име Рада. Но бидејки таа имала машко дете доенче, на нејзино барање и ја оставиле десната града несоѕиданада, за да може да го дои своето чедо. Мостот се наоѓа на Манцева Река, подигнат во 1833 година на две високи кули, од кои едната е висока 28, а другата 29 метри.

5.Камени кукли

Камени столбови на Куклица … Камен град, се наоѓаат во селото Куклица во Кратовска област. Постојат многу легенди и митови за нивното постоење, но најпозната е онаа, според која овие камени фигури се сватови (луѓе), кои биле проколнати од оставена невестата, и се претвориле во карпи.
Легендата зборува дека еднаш многу одамна, едно момче од селото Куклица (што е над камениот град), кое не можело да одлучи со кого да се омажи им закажало свадба на две девојки во ист ден. Не знаејќи за тоа едната од невестите видела дека постои уште една свадба во ист ден и тргнала од нејзината куќа да види кои се младоженци на другата свадба, кога го видела нејзиното момче со друга девојка, таа ги проколнала сите сватови и младоженците: “Нека Бог ве претвори сите вас во карпи, па дури и мене”. И во истиот момент сите луѓе се скамениле и се претвориле во карпи.
Но, научниците не се согласуваат со легенди. Според нив, овие карпи се формирани пред 10 милиони години, со тектонска ерозија, од минерали кои се раствораат во вода, со текот на годините, природата создала ремек дела. Локалното население вели дека на секои 5-6 години се појавува нова фигура.

6. Цоцев Камен

Цоцев камен е вулканска карпа која во праисторијата се користела како мегалитска опсерваторија. Се наоѓа во атарот на селото Шопско Рударе, поточно во близина на маалото Цоцевци и селото Коњух. Самата карпа се издвојува од околните ридишта е интересна сама по себе. Видливи се и остатоци од човечка обработка.
На стотина метри источно од Цоцев камен се наоѓаат мегалити кои служеле како сончеви и месечеви нишани. На врвот на карпата се наоѓа престол свртен на исток кон нишаните, од каде што може да се следи во која точка изгрева Сонцето и Месечината и според тоа да се формира сончев календар. Мегалитите имаат дополнителни врежувања врз нив и во непосредна близина се најдени изработени месечини во голема димензија, што претставува сведок за тоа дали еден објект претставува опсерваторија.

7.Златен Град

Златен Град или Градот на воините кој датира од крајот на 5 век, се наоѓа во непосредна близина на с. Коњух. Мештаните од околните села имаат сопствено усно предание или легенда за локалитетот. На локалитетот, многу одамна, живееле моќен крал со неговата кралица. Тие си имале само една ќерка, која била позната по својата итрина, бистрина и цврстина во карактерот. При еден од оброците, кралската ќерка се задушила, при што доживеала состојба која денеска е позната под терминот „клиничка смрт“, а своевремено луѓето не биле запознаени со овој феномен, така што ја прогласиле за мртва. Кралот и кралицата, во големата жалост, наредиле набрзина да се припреми многу богат погреб во месноста „Мала Кралица“, во непосредна близина на локалитетот „Големо Градиште“ – с. Коњух. Гробарите, вечерта по погребот, се вратиле да го ограбат гробот. Зеле многу од накитот, даровите, златните и сребрените пари, при што, кога еден од гробарите пришол да го земе ѓерданот од кралската ќерка, кога го потегнал, на свое големо изненадување, видел дека кралската ќерка е жива. Тоа ги ставило во мисла гробарите, дали да ја остават жива или да ја убијат, затоа што таа ги видела како го ограбуваат гробот. По долго размислување, дошле до решение да не ја убиваат, туку да ја однесат во друго кралство, за да не ги издаде на кралот и кралицата. Нејзините родители останале со сознанието дека нивната ќерка е мртва. Тие тргувале со многу богати земји кога се враќале од едно од трговските патувања, ги дочекал а кралскиот град во пламен. Од мака заплакале, и ден денес меѓу народот, оваа место е познато под името „Плакало“. Бидејки загубиле сè што им било драго, поради добрите односи со градот Солун, одлучиле да се преселат во него, со целата своја сопственост, а во спомен на тоа и денеска постои т.н. „Коњушко Маало“ во Солун.

8.Средновековни цркви

Во Кратово има три православни цркви. Во време на турското владеење градот имал преку 20 цркви, од кои се пронајдени остатоци.
-црквата “Св. Никола-чудотворец” – во Царина маала, обновена 1848 год.
-црквата “Св. Јован Претеча” – во средна маала, обновена 1836 год. и
-црквата “Св. Ѓорѓи Кратовски” – сместена во старите гробишта.
Таа била посветена на единствениот маченик, прогласен за светец од Кратово од 16 век “Св.Ѓорѓи Кратовски” кој поради својата вера во христијанството бил спален 1515 год. во Софија. Во негова чест и слава, празникот „Свети Ѓорѓи Кратовски” се слави како патронен празник на градот на 24 февруари, а светецот „Свети Ѓорѓи Кратовски” е симбол и заштитник на градот и општината.

9. Лесновски манастир

Во блиската околина на Кратово се наоѓа и прекрасниот манастирски комплекс Лесновски манастир, лоциран во село Лесново. Црквата е посветена на Свети Архангел Михаил. Постои мислење дека манастирот бил изграден кога тој се замонашил или пак по неговата смрт, кога се развил култот за подвизнишкиот живот (како што е наведено во краткото негово житие од 1330 година). Времето во кое живеел Гаврил Лесновски не е утврдено. Постои мислење дека тоа треба да се бара во 11 век, а оттаму заклучокот дека манастирот бил изграден во втората половина на 11 век, кога во крајот северно од Брегалница бил развиен силно култот за пустожителите, меѓу кои и за Гаврил.
Манастирот Св. Гаврил Лесновски е еден од најзначајните и најубавите средновековни и сакрални споменици на културата, не само во Република Македонија туку и пошироко. Не само што со своето богатство и содржини на Иконостасот и фреско-сликарството претставува голема мистерија, туку тој е познат и по својата моќ да лекува болни лица. Селаните веруваат дека светецот Св. Гаврил Лесновски ги штити нив, нивното село и манастирот и дека неговиот дух се појавува во одредени периоди од годината. Тие исто така веруваат дека не случајно тука се настанати и селото и манастирот и со гордост истакнуваат дека овој простор е библиски.

10. Св.Јоаким Осоговски

Манастирот Свети Јоаким Осоговски се наоѓа на околу 30-тина км Кратово, во прегратките на дабовата шума на Осоговските Планини, посветен е на пустиножителот и чудотворец св. Јоаким Осоговски.Основан е уште во XII век, познат и по името Сарандапор. Токму во овие предели кон крајот на XI и почетокот на XII век живеел испосникот шсв. Јоаким Осоговски. Тогаш во овие краишта се подвизувале и прочуените св. Јован Рилски, св. Прохор Пчински и св. Гаврил Лесновски. Тој е стар 1003 години и е позната и доста посетена туристичка атркација. На 28 август секоја година во манастирот се одржува традиционалната прослава на верскиот празник Света Богородица на која доаѓаат и луѓе од градот, околината и други градови од државата.

Галерија